АНКАРА (АА)
Во поплавите предизвикани од поројните дождови и невремето во европските земји Романија, Австрија, Полска, Чешка, Унгарија и Словачка животот го загубија 15 лица, а илјадници луѓе се евакуирани, известува Анадолу.
Поплавите предизвикани од обилните дождови во Европа во текот на последниве денови може да бидат „најлошата катастрофа“ по онаа што го зафати континентот во 2002 година.
Шест лица ги загубија животите во поплавите на истокот на Романија, а оние што живеат во поплавените подрачја беа спасени со чамци од калливите води.
Романското Одделение за вонредни состојби соопшти дека се оштетени околу 5.000 куќи, паднати се голем број дрвја, а сообраќајот е во прекин поради поплавите во градовите Галати и Васлуи.
Соопштувајќи дека наврнале 160 литри дожд на квадратен метар, што е ретка ситуација во земјата зафатена од катастрофата, романскиот министер за животна средина Мирчеа Фекет рече: „Сѐ што правиме во моментов е да спасиме колку што е можно повеќе луѓе.“
- Тројца починати во Австрија
Австриската полиција извести дека телата на две лица биле пронајдени во сојузната покраина Долна Австрија која е погодена од поплавите. Вчера во Долна Австрија животот го загуби и пожарникар, со што бројот на загинати поради поплавите се зголеми на три.
Властите објавија дека опасноста продолжува да се зголемува во Долна Австрија, која е прогласена за област на катастрофа поради поплавите предизвикани од поројните врнежи што се очекуваат и денес.
Стефан Пернкопф, кој раководи со кризниот штаб формиран во Долна Австрија, предупреди дека некои брани во оваа држава може да се урнат поради интензитетот и количеството вода.
Во меѓувреме забележано е дека повеќе од 200 улици и автопатишта се затворени за сообраќај во покраината зафатена од поплави. Јавниот радиодифузен сервис во земјата ОРФ започна кампања за помош за погодените од поплавата.
- Полска планира да прогласи природна катастрофа
Пет лица ги загубија животите во поплавите што ја зафатија Полска.
Премиерот Доналд Туск за локалните медиуми изјави дека подготвил декларација за катастрофа за да добие помош од Европската Унија (ЕУ).
Полскиот заменик-министер за внатрешни работи Чеслав Мрочек рече дека и Владата може да прогласи ситуација на природна катастрофа.
Полскиот Црвен крст во своето соопштение објавено на социјалната мрежа Х предупреди дека ситуацијата може да се влоши.
Силниот дожд, кој трае речиси 48 часа во Краков, Полска, предизвика излевање на реката Висла. Поради излевањето на реката, полициски екипи презедоа безбедносни мерки во регионот и ги затворија патиштата за сообраќај.
- Едно лице загина од поплави во Чешка
Началникот на чешката полиција Мартин Вондрасек за медиумите изјави дека едно лице загинало, а седум лица се водат за исчезнати во поплавите што настанале поради поројните врнежи во земјата.
Објавено е дека поголем дел од железничките линии, особено меѓу Австрија и Чешка, се откажани поради поплавите.
Чешкиот претседател Петр Павел на својот профил на социјалните мрежи објави дека во земјата, особено во регионите со ниски приходи многу повеќе се чувствуваат поплавите, па повика на солидарност за овие региони.
Поројните дождови предизвикаа поплави и во Јесеник, во чешката област Оломоуц. Повеќе од 10.500 луѓе се евакуирани поради поплавите во многу региони низ земјата.
- Предупредување за поплави од трет степен во Унгарија
Поради врнежите од дожд забележано е сериозно зголемување на водостојот на реката Дунав, која минува низ Будимпешта, главниот град на Унгарија.
Во регионот е издадено предупредување за поплави од трет степен поради зголеменото ниво на водата во реката Дунав.
При посетата на регионот со зголемено ниво на водата во реката, премиерот Виктор Орбан изјава: „Ќе биде тешко, но ќе ја надминеме ситуацијата.“
- Се зголемуваат водостоите во реките низ Словачка
Во Словачка е забележано сериозно зголемување на нивото на реките низ целата земја поради врнежите што не престануваат.
Во вестите објавени во локалните медиуми се наведува дека во главниот град Братислава имало прекини во превозот, а поради поплавата откажани се и трамвајските услуги.
Властите го предупредија населението да не се приближува до реките.
Метеоролошките одделенија на земјите објавија дека врнежите ќе продолжат со засилен интензитет и во текот на наредните денови.
– „Ново нормално“ предупредување од Црвениот крст
Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (ИФРЦ) објави писмено соопштение во кое се наведува дека Централна Европа ги доживува најголемите поплави што ги видела во последните децении и предупреди дека оваа ситуација наскоро може да стане „ново нормално“.
ИФРЦ објави дека илјадници волонтери на Црвениот крст во Австрија, Чешка, Молдавија, Полска и Романија дејствуваат со цел да им излезат во пресрет на потребите на луѓето погодени од поплавите.
ИФРЦ објави соопштение во кое се наведува дека поради поплавите што последните неколку дена ја зафатија Европа поплавени се куќи, има прекини на електричната енергија, прекини во транспортот и оштетувања на инфраструктурата, а Австрија е меѓу најпогодените региони, каде што 1.750 луѓе морале да ги напуштат своите домови и да одат во привремени засолништа.
Германија, Унгарија и Словачка и други земји од регионот продолжуваат да бидат внимателни поради поплавите. Се очекува дождот да продолжи да врне и наредните денови, а тоа ќе предизвика нивото на реките да го достигне својот врв во текот на неделата.
Андреас фон Вајсенберг, директор за здравје, катастрофи, клима и кризи на ИФРЦ за Европа, чии ставови се вклучени во изјавата, вели:
„Европа се загрева многу побрзо од остатокот од светот. Се соочуваме со можна иднина во која такви поплави нема да се нарекуваат историски, туку ќе се споменуваат често, па дури и еднаш годишно. Мора да се подготвиме да се приспособиме на оваа нова реалност.“
Вајсенберг истакна дека европските земји презеле важни чекори во разбирањето и подготовката за климатските ризици, но од аспект на имплементацијата се останало зад рапидно растечкото ниво на ризик.
Поплавите предизвикани од поројните дождови во Романија, Австрија, Полска, Чешка, Унгарија и Словачка може да бидат „најлошата катастрофа“ по онаа што го зафати континентот во 2002 година.