Amir Latif Arain
24 Јули 2025•Ажурирај: 25 Јули 2025
АНКАРА (АА) - Според првичните информации, деветмина цивили се убиени, а 14 се повредени на тајландска страна во судир на спорната граница меѓу Тајланд и Камбоџа, известува Анадолу.
Судирите избувнаа рано утринава во близина на кмерски храм на тајландско-камбоџиската граница.
Кралската тајландска армија (КТА) изјави дека камбоџиските војници први отвориле оган.
КТА информираше дека шест лица се убиени во покраината Сисакет, две во покраината Сурин и едно во покраината Убон Ратчатани, а 14 се повредени во нападите.
Портпаролот на тајландското Министерство за одбрана, Сурасант Конгсири, објави дека судирите продолжуваат на најмалку шест различни гранични премини.
Владата во Бангкок ја обвини Камбоџа за напаѓање на цивилни области, вклучително и болницата „Фаном Донг Рак“ и објави дека приближно 30.000 до 40.000 луѓе од селата покрај границата се евакуирани на безбедни подрачја.
Тајланд соопшти дека со шест авиони Ф-16 нападнал неколку камбоџиски воени штабови по должината на границата, а тајландската амбасада во Пном Пен ги повика своите граѓани да ја напуштат Камбоџа.
Вчера еден тајландски војник беше повреден во експлозија на мина во пограничната област.
- Камбоџа го обвини Тајланд
Од друга страна, Министерството за одбрана на Камбоџа објави дека тајландските трупи први отвориле оган и дека камбоџиските војници одговориле во самоодбрана.
Министерството објави дека Тајланд со своите воени авиони фрлил бомби на патот што води до храмот Преах Вихер.
Камбоџискиот премиер Хун Манет го обвини Тајланд за напад врз храмовите Та Муен Том и Та Крабеј.
„Камбоџа отсекогаш се залагала за мирни решенија. Сепак, во овој случај немаме друг избор освен да одговориме со оружје на вооружен напад“, изјави Хун Манет.
- Повик до ОН
Премиерот на Камбоџа, Хун Манет, побара „итен состанок“ во писмото пратено до Асим Ифтихар Ахмед, постојан претставник на Пакистан во Советот за безбедност на ОН.
Во своето писмо, Хун Манет вели:
„Имајќи ги предвид неодамнешните и исклучително сериозни напади од Тајланд, кои сериозно ги загрозуваат мирот и стабилноста во регионот, искрено ве молам да свикате итен состанок на Советот за безбедност за да се запре агресијата на Тајланд.“
Камбоџа не даде информации за евентуалниот број на смртни случаи или повредени од нејзина страна.
- Гранични тензии меѓу Тајланд и Камбоџа
Тајланд и Камбоџа, кои се наоѓаат во Југоисточна Азија, се одделени со гранична жичена ограда долга 817 километри. Двете земји се во долгогодишен територијален спор.
По прекршувањето на граничниот договор меѓу Тајланд и Камбоџа, на 28 мај избувна краток судир во регионот, а армиите на двете земји се согласија мирно да го решат проблемот.
Тајланд објави дека сите контролни пунктови на камбоџиската граница ќе бидат контролирани од Владата на Бангкок.
Камбоџискиот премиер Хун Манет објави дека неговата земја поднела барање до Меѓународниот суд на правдата (МСЈ) за решавање на граничните спорови со Тајланд.