Hassan Isilow
28 Август 2026•Ажурирано: 28 Август 2026
Почина најмладиот владејачки монарх во светот, кралот Ојо Нјимба Кабамба Игуру Рукиди Четврти, кој се искачи на тронот на тригодишна возраст, соопшти доцна синоќа угандското Кралство Торо. Тој имаше 34 години, јавува Анадолу.
Роден на 16 април 1992 година, Ојо се искачи на тронот на 12 септември 1995 година, по смртта на неговиот татко, кралот Патрик Дејвид Метју Кабојо Олими Трети.
Ојо, кој беше признаен од „Гинисовата книга на рекорди“ како најмладиот владејачки монарх во светот, владееше со околу 3 отсто од повеќе од 45-те милиони жители на Уганда.
Кралства постојат во некои делови на Уганда, но нивното влијание во голема мера е симболично, бидејќи со земјата управува избран претседател.
Поради тоа што бил многу млад кога се искачил на троно, со државните работи на Кралството Торо му помагал тим составен од неговата мајка, кралицата Бест Кемигиса, членови на кралското семејство и претседателот на Уганда, Јовери Мусевени, сè до неговото полнолетство.
Премиерот на Кралството Торо, Калвин Армстронг Рвомире Акиики, ја објави смртта на Оро преку изјава на американската платформа за социјални медиуми х.
„Со длабока тага и тешко срце ја објавувам смртта на Неговото Височество Омукама од Торо, кралот Ојо Нјимба Кабамба Игуру Рукиди IV, вечерва околу 22:00 часот“, напиша тој.
Кралството, сепак, не соопшти детали за болеста со која се борел кралот, ниту за болницата во која починал, но медиумите тврдат дека боледувал од рак и дека се лекувал во САД.
„Ова е голема загуба за кралското семејство, народот на Торо и целата држава Уганда. Дополнителни детали за погребот и деновите на жалост ќе бидат соопштени дополнително“, се наведува во соопштението.