Islam Uddin
25 Февруари 2026•Ажурирај: 25 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Нов Зеланд денес објави санкции и забрани за патување во земјата за повеќе ирански министри и официјални претставници поради наводите за убиства за време на неодамнешните протести низ Иран, јавува Анадолу.
Министерот за надворешни работи Винстон Питерс изјави дека забраната за патување во земјата опфаќа 40 лица, меѓу кои министерот за внатрешни работи Ескандар Момени, министерот за разузнавање Есмаил Хатиб и главниот обвинител Мохамад Мовахеди-Азад.
Тој додаде дека со мерките ќе бидат опфатени и членови на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
„Иранците имаат право на мирен протест, слобода на изразување и пристап до информации. Тие права беа брутално прекршени“, се наведува во соопштението на Питерс.
Шефот на дипломатијата истакна дека неговата земја им се придружила на Австралија, САД, Обединетото Кралство, Канада и Европска Унија во воведувањето санкции за Иран.
Лицата опфатени со забраните не ќе може да влезат или да транзитираат низ Нов Зеланд.
Претходно Велингтон воведе три пакети забрани за патување во земјата за 55 лица поради наводни прекршувања на човековите права во Иран.
Дополнително, земјата воведе санкции за 29 ирански државјани и 19 ирански жители поради нивната наводна „поддршка“ на Русија во војната во Украина.
Претходно овој месец претседателската канцеларија на Иран објави извештај со имињата на 2.986 лица загинати во текот на антивладините протести што избувнаа кон крајот на 2025 година, од вкупно 3.117 регистрирани смртни случаи во немирите.
Според извештајот, објавен од Канцеларијата на претседателот, меѓу загинатите имало и цивили и припадници на безбедносните сили.
Протестите избувнаа поради влошените економски и животни услови и траеја околу две недели.
Иранските власти признаа дека постои јавно незадоволство, но ги обвинија САД и Израел дека се обидуваат да ги искористат немирите преку санкции и притисоци, со цел да се поттикне нестабилност и да се оправдаат странското мешање и промената на режимот.