Ekipa
09 Декември 2018•Ажурирај: 10 Декември 2018
ВЕЛИНГТОН (АА) - Полицијата на Нов Зеланд во неделата пронајде тело за кое верува дека ѝ припаѓа на исчезнатата 22-годишна студентка од Велика Британија, Грејс Милејн, пренесува Anadolu Agency (АА).
Телото е пронајдено во шума, на околу 10 метри од патот во Веитакер Ренџес, во близина на Оукленд.
Милејн се води за исчезната од 1 декември. Не одговарала на повиците на семејството ниту на 2 декември, кога сакало да ѝ го честита роденденот.
Полицијата вчера приведе 26-годишно момче со кое Милејн е видена последен пат. По спроведената истрага, на момчето му е одреден притвор, под сомневање дека е поврзано со нејзиното убиство. Приведеното момче утре ќе даде изјава пред суд.
Милејн беше на едногодишно патување кое го започна во Перу. Допатува во Нов Зеланд минатиот месец, а последен пат е видена во хотел во централниот дел на Оукленд на 1 декември во друштво на момче, кое подоцна е приведено во врска со нејзиното исчезнување.
Инспекторот Скот Бирд изјави дека полицијата смета дека телото на британската туристка е пренесено во Веитакер Ренџес во изнајмен автомобил, кој подоцна е оставен во градот Таупо.
Инспекторот изјави дека телото е пронајдено како резултат на спроведената истрага и дека преостанува да се изврши формалната идентификација.