Berk Kutay Gökmen
16 Февруари 2026•Ажурирај: 17 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Маж обвинет за отворање оган на еврејската прослава на Ханука на плажата Бонди во Сиднеј, Австралија, во декември, денес се појави на суд преку видеолинк, објави локалниот јавен сервис Си-би-си њуз, пренесува Анадолу.
Навид Акрам (24) говореше од Поправниот центар Гулбурн, затвор со максимална безбедност југозападно од Сиднеј. Тој се соочува со 59 обвиненија, меѓу кои убиство и прекршоци поврзани со тероризам.
Се наведува дека Акрам го извршил најсмртоносниот напад во Австралија на 14 декември 2025 година, кога беа убиени 15 лица, а 42 беа повредени за време на одбележувањето на Ханука покрај плажата.
Неговиот татко, 50-годишниот Саџид Акрам, беше смртно застрелан од полицијата за време на инцидентот.
Акрам се обрати откако судијата ги продолжи наредбите за сузбивање со кои се заштитуваат жртвите и преживеаните што не се идентификуваа јавно.
„Дали го слушнавте тоа што го реков?“, го праша заменик-главниот судија Шерон Фројнд.
„Да“, одговори Акрам.
Подоцна неговиот правен застапник, Бен Арчиболд, побара време да се консултира со својот клиент.
„Господин Акрам, вашиот адвокат ќе ве повика потоа“, рече судијата.
„Да“, одговори обвинетиот вооружен напаѓач.
Акрам носеше зелен затворски џемпер и седеше со рацете на скутот за време на инаку рутинската судска расправа.
По разговорот со својот клиент, Арчиболд им рече на новинарите пред судот дека Акрам се справува добро како што може да се очекува во затворот Гулбурн со максимално обезбедување.
„Секој знае дека (Гулбурн) затворот со максимално обезбедување има многу тешки услови и таму се луѓето што (наводно) ги извршуваат овие злосторства“, рече тој.
Арчиболд рече дека е прерано да се сигнализираат какви било намерани признанија.
Тој истакна дека разговорите со неговиот клиент денес и претходно во затворот не го опфатиле нападот или каков било израз на каење и дека обвинителите сè уште не ги доставиле доказите.
Очекувајќи го поднесокот пред следниот судски датум на 8 април, Арчиболд рече дека правниот процес би можел да се продолжи до 2027 година.
„Кога ќе го имаме поднесокот, ќе имам повеќе да кажам“, им рече тој на новинарите.