Firdevs Bulut Kartal
11 Април 2023•Ажурирај: 13 Април 2023
ТОРОНТО (АА) - Деведесет и еден кинески воен авион и 12 воени брода се забележани околу Тајван, во рамките на воената вежба организирана од кинеската војска околу островот, соопшти тајванското Министерство за одбрана рано утрово, пренесува Анадолу.
„Денес до 6 часот наутро (UTC + 8) детектирани се 91 авион и 12 пловни објекти. Вооружените сили ја следат ситуацијата и наложија борбените патролни авиони, морнарицата и копнените ракетни системи да одговорат на овие активности“, соопшти Министерството на Твитер.
Се наведува дека „54 од детектираните авиони ја преминале средната линија на Тајванскиот Теснец и влегле во југозападниот и југоисточниот дел на зоната за идентификација на противвоздушната одбрана на Тајван. Во моментов, осум брода сè уште се присутни во водите околу Тајван. Ќе продолжиме внимателно да го следиме движењето.“
Летовите и бродските патроли околу островот се смета дека се поврзани со активностите на воената вежба на кинеската армија што започна по посетите на тајванската лидерка Цаи Инг-вен на Централна Америка и САД.
Командата на Источниот фронт на кинеската Народноослободителна армија, одговорна за регионот во кој се наоѓа Тајван, на 8 април соопшти дека околу островот започнала заедничка воена вежба на копнените, воздухопловните, поморските и ракетните сили.
Пекинг вчера соопшти дека неговите најнови воени вежби околу Тајван се „строго предупредување за тајванските сецесионистички сили и нивниот дослух со надворешните сили“.
Тајванската претседателка ги осуди вежбите и вети дека ќе работи заедно со „САД и други земји истомисленици“ против „континуираниот авторитарен експанзионизам“.
Кина го гледа Тајван, кој е самоуправа, како своја територија.