Rabia İclal Turan
23 Ноември 2023•Ажурирај: 24 Ноември 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Обединетите нации (ОН) вчера соопштија дека продолжуваат залагањата за отворање на преминот Керем Шалом во Израел и дека е потребен влез не само на хуманитарната помош, туку и на комерцијалната стока, јавува Анадолу.
„Во овој момент, продолжуваме да го користиме преминот Рафа“, изјави за новинарите заменик-портпаролот Фархан Хак и додаде дека капацитетот на преминот Рафа е ограничен, што е причина за нивните залагања за отворање на преминот Керем Шалом.
Портпаролот Хак рече дека ОН и нивните хуманитарни партнери се подготвени да ја „искористат“ хуманитарната пауза во судирот меѓу Израел и Хамас за да ги зајакнат хуманитарните операции. Тој рече дека цивилите во Газа не можат да зависат само од хуманитарната помош.
„Влезот на комерцијалната стока треба да продолжи, особено преку преминот Керем Шалом, кој има капацитет за тоа“, додаде Хак.
Преминот Керем Шалом пред судирите беше користен за трансфер на повеќе од 60 % од камионите во Газа, изјави минатата недела Мартин Грифитс, потсекретарот на ОН за хуманитарни прашања и координатор за итна помош.
Повикувајќи се на податоците на Канцеларијата за координација на хуманитарните работи (OCHA), Грифитс рече дека 63.800 литри гориво влегле во Газа во вторникот од Египет и дека Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) врши дистрибуција за да ја поддржи распределбата на храната и работата на генераторите во болниците, водоводните и санитарните објекти, засолништата и другите клучни услуги.