Mustafa Keleş
19 Септември 2017•Ажурирај: 20 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дујариќ, изјави дека и покрај сите апели од страна на меѓународната заедница, Владата на Мјанмар и понатаму не им дозволува на Обединетите нации (ОН) и на останатите хуманитарни организации да влезат во покраината Аракан, јавува Anadolu Agency (AA).
Дујариќ на дневната конференција за медиумите во Њујорк рече дека властите на Мјанмар продолжуваат да ги одбиваат барањата за доставување на хуманитарна помош во Аракан.
Тој додаде дека не може да ги потврди наводите за случувањата во тој дел од земјата бидејќи ОН не може да влезе во споменатата покраина.
Тој истакна дека од 25 август до сега во соседен Бангалдеш избегале околу 415 илјади луѓе.
Нагласи дека за околу 300.000 луѓе е потребна помош во храна, додека 170.000 немаат пристап до здравствените установи. За 55.000 бремени жени е потребно да се обезбеди дополнителна исхрана.
На крајот тој апелираше до меѓународната заедница да ја зголеми хуманитарната помош за бегалците во тој регион.
Во нападите врз цивилите во Аракан, кои армијата на Мјанмар ги врши под изговор за борба против вооружените милитанти, од 25 август убиени се илјадници муслимани. Бидејќи не е дозволен влез ниту излез од тоа подрачје, невозможно е да се одреди точниот биланс на настрадани.
Војската и будистичките националисти во нападите запалиле или сосема уништиле околу 200 села. Десетици илјади муслимани од Аракан (Рохинџа) и понатаму се обидуваат преку реката Наф и планинското подрачје да избегаат во соседен Бангладеш.