Fatma Esma Arslan
21 Април 2022•Ажурирај: 22 Април 2022
ДАКАР (АА) - Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации (ОН) соопшти дека Владата на Мали не дозволила пристап до селото за во кое се тврди дека војската убила цивили, известува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Високиот комесаријат за човекови права на ОН во Африка, Сеиф Маганго, објави писмено соопштение во кое се наведува дека на тимовите на ОН не им било дозволено да спроведат истрага во селото Моура, за кое се тврди дека Армијата на Мали и платените војници од „Вагнер“ убиле повеќе од 300 цивили.
Во соопштението се истакнува дека постои голема загриженост за ваквата состојба и се нагласува дека некои извори сугерираат дека бројот на загинати е над 500.
Се тврди дека војниците на Мали ги ограбиле куќите на селаните, извршиле силувања и самоволно привеле одреден број луѓе.
Во соопштението се забележува дека истрагата што ја започнала Владата на Мали на 6 април во врска со овој инцидент, треба да се спроведе непристрасно, независно и навремено.
- Армијата на Мали обвинета за убиство на 300 цивили
Армијата на Мали на 1 април објави соопштение во кое се вели дека во операциите спроведени во селото Моура од 23 до 31 март се неутрализирани 203 терористи.
„Хјуман рајтс воч“ (HRW) на 5 април објави соопштение во кое, исто така, ги обвини војската на Мали и платениците од „Вагнер“ за убиство на околу 300 цивили во селото Моура.
Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Франција, исто така изјавија дека се загрижени поради тврдењата за масакрот и побараа од преодната Влада на Мали да започне непристрасна и брза истрага.
Военото обвинителство во Мали започна истрага на 6 април врз основа на тврдењата.
Ал Гасим Вајн, специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за Мали, најави дека сакаат пристап до регионот, но Владата на Мали не го дозволи тоа.