Ömer Faruk Yıldız
05 Март 2021•Ажурирај: 06 Март 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Владата на Сингапур истакна дека оружената интервенција на безбедносните сили против оние кои протестираа против воениот удар е „национален срам“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи на Сингапур, Вивиан Балакришнан, даде оценки за острата интервенција на безбедносните сили во протестите во Мјанмар и за смртта на голем број демонстранти.
Наведувајќи дека земјите од Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) секој ден разговараат за состојбата во Мјанмар, министерот Балакришнан рече: „За нормализација и враќање на демократијата во земјата, АСЕАН мора да има конструктивна улога.“
„Национален срам е Армијата на една земја да го насочи оружјето против сопствениот народ“, рече Балакришнан за насилството на безбедносните сили врз демонстрантите.
- Сингапурска компанија ја прекина трговијата со Мјанмар
Од друга страна, фирмата за развој на недвижнини во Сингапур „Emerging Towns & Cities Singapore (ETC)“ соопшти дека ја прекинала трговијата со Мјанмар.
Во соопштението од компанијата, исто така се наведува дека ќе бидат разгледани и голем број договори склучени со министерства и единици поврзани со министерствата во Мјанмар.
- Сингапур ги повика своите граѓани да го напуштат Мјанмар
Владата на Сингапур ги повика своите граѓани кои живеат во Мјанмар да ја напуштат земјата.
Во изјавата дадена од Министерството за надворешни работи на Сингапур се препорачува патувањето во Мјанмар да се одложи поради напнатоста меѓу демонстрантите и безбедносните сили.
„Сингапурците во Мјанмар треба да размислат да го напуштат Мјанмар што е можно поскоро додека сѐ уште има можност“, се вели во соопштението.
- Воен удар во Мјанмар
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.