Meryem Göktaş
09 Ноември 2017•Ажурирај: 09 Ноември 2017
ЛОНДОН (АА) - Британската државна секретарка за меѓународен развој, Прити Пател, поднесе оставка по откривањето дека имала голем број неовластени самоиницијативни средби со израелски официјални лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Пател одржа 30-минутна средба со британската премиерка Тереза Меј на Даунинг стрит, откако беше отповикана од официјалната посета на Уганда.
Таа во својата оставка што ја предаде по состанокот, се извини за нејзините постапки.
„Како што знаете од нашите разговори, јас го прифаќам фактот дека со средбите со организациите и политичарите за време на мојот приватен одмор во Израел, моите постапки паднаа под високите стандарди кои се очекуваат од еден државен секретар“, рече таа.
„Иако моите постапки беа најдобронамерни, сепак беа под стандардите за транспарентност и отвореност што ги промовирав и за кои се залагав“, истакна Пател и додаде:
„Јас упатувам длабоко извинување до вас и до Владата за она што се случи, и ја приложувам мојата оставка“.
Претходно оваа недела, Пател беше укорена поради одржаните 12 средби со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и други официјални претставници во август, за што не било разговарано однапред во Министерството за надворешни работи на Велика Британија.
Во месец септември имала уште две средби со израелски претставници на кои не присуствувале други претставници од британската влада.
Потоа Пател на 18 септември се сретнала со израелскиот министер за надворешни работи во Њујорк.