Mehmet Alaca
08 Октомври 2021•Ажурирај: 11 Октомври 2021
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Аргентинскиот суд го отфрли случајот против поранешната претседателка Кристина Фернандез, во кој беше обвинета дека се обидела да ги прикрие наводите дека ирански агенти биле вмешани во бомбашкиот напад во Еврејскиот културен центар во Буенос Аирес во 1994 година, во кој загинаа 85 луѓе, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Судот објави дека договорот потпишан меѓу Аргентина и Иран во 2013 година за спроведување заедничка истрага за терористичкиот напад врз Еврејскиот културен центар „не претставува кривично дело“.
Фернандез, која во моментов ја извршува функцијата потпретседател, беше претседателка на Аргентина во периодот од 2007 до 2015 година.
Во јануари 2015 година, обвинителот Алберто Нисман, кој подигна истрага против Фернандез, беше пронајден мртов во неговиот дом.
Нисман ја обвини Фернандез дека се обидува да ги прикрие злосторствата на Иран, за кој тврдеше дека е вмешан во терористичкиот напад.
Од друга страна, обвинителот Нисман тврдеше дека заедничката истрага била подигната со цел да не се нарушат трговските односи меѓу двете земји.
Обвинетата Фернандез, пак, тврди дека договорот бил единствениот начин за повторно активирање на истрагата, која е нерешена повеќе од две децении и во која никој не е осуден.