Muhammet Nazım Taşcı
18 Август 2021•Ажурирај: 18 Август 2021
ИСЛАМАБАД (АА) - Властите на Пакистан го вратија амбасадорот во Авганистан и го испратија повторно во Кабул од каде што беше повлечен на 19 јули, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за внатрешни работи на Пакистан, шеик Рашид Ахмад, во Исламабад изјави дека пакистанскиот амбасадор во Авганистан, Менсур Ахмад Кан, е вратен во Кабул и тоа по копнен пат преку Граничниот премин „Торкхам“.
„Во Авганистан моментално е мирно и повеќе од 800 шлепери влегоа во земјата без какви било проблеми на границата. Ситуацијата на границата е нормална“, изјави Ахмад.
Потсетувајќи дека од Авганистан во Пакистан се евакуирани околу 900 странци и дипломати, Ахмад изјави дека Пакистан ја поздравува изјавата на талибанскиот портпарол Забихулах Муџахид, кој вети дека талибанската власт во Авганистан нема да биде настроена против која било друга држава во регионот и пошироко.
Поранешната авганистанска власт на 18 јули го повлече својот амбасадор Наџибулах Аликил поради киднапирањето на неговата ќерка во Исламабад. Ден подоцна, Пакистан го повлече својот амбасадор од Кабул.