Eyser el-İys,Said İbicioğlu
04 Јануари 2018•Ажурирај: 04 Јануари 2018
РАМАЛА (АА) - Комитетот за палестински заробеници при Палестинската ослободителна организација (ПЛО) повика на бојкот на Израелскиот воен суд, доколку биде спроведен законот со кој може да се одобри смртната казна за Палестинците, јавува Anadolu Agency (AA).
Денеска во првото читање во израелскиот парламент, Кнесет беше усвоен нацрт-законот за воведување смртна казна за терористи.
Иса Караки, претседател на палестинскиот комитет за затвореници, рече дека Палестинците ќе се спротивстават на израелскиот воен суд.
Тој додаде дека е потребно да се бојкотира израелскиот воен суд и да се прекинат сите односи со оваа институција, ако наведениот закон биде усвоен и спроведен.
„Израелските судови даваат неправедни казни. Неприфатливо е палестински заробеник да излезе пред суд кој пресудува смртна казна", рече Kaраки.
Предлог-законот за воведување смртна казна за терористи беше усвоен со 52 гласови за и 49 против.
Тој беше претставен од страна на министерот за одбрана, Авигдор Либерман, а отворено го поддржа и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Според овој предлог-закон, воените судови во Израел можат да донесуваат одлуки за смртна казна за „злосторства извршени со обележја на тероризам“.
Законот пред конечното усвојување треба да помине уште три читања.
Смртната казна е предвидена со израелскиот воен закон на окупираниот Западен Брег, но никогаш досега не била изречена.