Riyaz Khaliq Khaliq
06 Ноември 2023•Ажурирај: 07 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) – Одгледувањето опиум во Авганистан е намалено за 95 отсто, покажуваат податоците објавени од страна на Обединетите нации (ОН), пренесува Анадолу.
Во истражувањето спроведено оваа година, Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC) соопшти дека одгледувањето опиум во Авганистан е намалено за околу 95 отсто по забраната за дрогата воведена од талибанските власти во април минатата година.
Во соопштението објавено од Канцеларијата во Виена се наведува дека претставниците на ОН забележале дека речиси целосниот пад на „економијата“ на опијати „се очекува да има далекосежни последици“.
Исто така, се истакнува итната потреба за зголемена помош за руралните заедници, придружена со алтернативна развојна поддршка за изградба на иднина без опиум за населението во Авганистан.
Според податоците на Канцеларијата на ОН, одгледувањето опиум од 233.000 хектари паднало на само 10.800 хектари во 2023 година.
„Намалувањето доведе до соодветен пад од 95 отсто во понудата на опиум, од 6.200 тони во 2022 година на само 333 тони во 2023 година“, се додава во соопштението.
Сепак, се вели дека приходот на земјоделците што продаваат паднал за повеќе од 92 отсто од проценетите 1.36 милиони долари за жетвата во 2022 година на 110 милиони долари во 2023 година.
„Денес на авганистанскиот народ му е потребна итна хуманитарна помош за да ги задоволи своите основни потреби, да се соочи со шокот од изгубениот приход и да спаси животи“, истакна Гада Вали, извршна директорка на UNODC.
„И во текот на следните месеци на Авганистан итно му се потребни значителни инвестиции за одржлива егзистенција за да им се обезбедат на авганистанските земјоделци други можности, подалеку од опиумот“, додаде Вали.