Gizem Nisa Çebi Demir
13 Јули 2026•Ажурирано: 13 Јули 2026
Најмалку 27 лица загина, а 63 се повредени, од кои 22 се во критична состојба, откако пожар избувна во преполн бар во дистриктот Чатучак во Бангкок, Тајланд, кратко пред полноќ, соопштија тајландските власти, јавува Анадолу.
Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул, кој го посети местото на пожарот, рече дека повеќето жртви починале од вдишување чад. Од прекинувач во близина на сцената почнало да излегува чад по што следел прекин на електричната енергија и експлозија.
„Повеќето од жртвите истрчале на задната страна, кон тоалети без излез, веројатно поради паниката предизвикана од пожарот и чадот“, изјави тој пред новинарите.
Гувернерот на Бангкок, Чадчарт Ситипунт, рече дека пожарот брзо се проширил до таванот и дека вдишувањето чад е веројатно главната причина за смртта. Властите веруваат дека излезот за пожар можеби бил блокиран, додека Суријачаи Равиван, директор на Одделот за спречување на катастрофи на Метрополитенската администрација на Бангкок, рече дека пожарникарите пронашле маси и столови што го блокирале пристапот внатре во објектот.
Полицијата соопшти дека пожарот е ставен под контрола околу два часа по неговото избувнување. Причините се истражуваат, јави тајландската телевизија ПБС Ворлд.