Ekip
22 Март 2021•Ажурирај: 24 Март 2021
ДАКА
Најмалку три лица загинаа во пожарот што денес изби во кампот во кој се сместени бегалците Рохинџи во Бангладеш, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мохамад Шамсуд Доуза од Агенцијата за помош и репатријација на Рохинџа бегалците за АА изјави дека пожарот во кампот избил во 15:30 часот по локално време во јужното подрачје Кокс Базар и дека пожарникарите се обидуваат да го стават под контрола.
На терен излегоа пожарникарските, полициските и амбулантните возила, а челникот на Здружението на младите Рохинџи, Мају Кан, за АА изјави дека во пожарот изгореле најмалку 700 шатори.
Претставникот на Рохинџа бегалците, Мухамад Ајуб, за АА изјави дека во пожарот загинала една 19-годишна девојка и уште две деца на возраст од шест и девет години. Повеќе лица се водат како исчезнати.
Обединетите нации претходно го опишаа муслиманското малцинство Рохинџи во Мјанмар како најпрогонети луѓе на светот, а според податоците на „Амнести интернешнал“ повеќе од 750.000 Рохинџи побегнале во Бангладеш во екот на репресивните акции што мјанмарската Војска ги изврши во август 2017 година.
Во извештајот на Меѓународната развојна агенција Онтарио (OIDA) се наведува дека во тој период се убиени речиси 24.000 Рохинџа муслимани, но и дека повеќе од 34.000 припадници на таа заедница биле запалени на клада.