Associated Press
16 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
ПАРИЗ
Француската полиција ги евакуираше мигрантите од импровизираниот камп во близина на Дeнкeрк, во северниот дел на Франција, каде што се собраа најмалку 1.500 луѓе во надеж дека ќе го преминат каналот Ла Манш за да дојдат до Велика Британија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Мигрантите, вклучувајќи одредени семејства со мали деца, ги спакуваа своите работи денес, додека полицијата го опкружуваше кампот на местото на некогашниот индустриски комплекс во Гран Синт, источно од Денкерк.
Францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, на Твитер објави дека властите ќе обезбедат засолништа за мигрантите.
Тој исто така изјави дека полицијата разбила мрежа на криумчари во регионот Денкерк, што доведе до приведување на 13 лица. Според неговите зборови, од почетокот на годината се уапсени 1.308 лица осомничени за криумчарење.
Хуманитарната група „Утопија 56“ соопшти дека во последниот месец се организирани неколку евакуации на камповите, но без соодветно згрижување на мигрантите. Групата истакна дека државата не организирала дистрибуција на храна и дека не обезбедила тоалети и основни средства за хигиена во камповите.
Поради големиот број пристаништа и каналот Ла Манш, северниот дел на Франција отсекогаш е привлечен за оние што сакаат да преминат во Велика Британија, поттикнувајќи ги ветувањата на криумчарите за подобар живот таму.
Поради нелегалните премини напнатоста меѓу Велика Британија и Франција се зголеми, чии официјални претставници ја префрлаат одговорноста од еден на друг.
Од почетокот на годината преку Ла Манш во Велика Британија пристигнаа повеќе од 23.000 луѓе. Минатиот четврток каналот го преминаа 1.185 лица, што е рекорд за еден ден. Освен тоа, француските поморски власти спасија илјадници лица во морето.