Emel Öz
02 Јуни 2022•Ажурирај: 03 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Поранешниот пакистански премиер Имран Кан истакна дека доколку не се одреди датумот на изборите, Пакистан ќе биде вовлечен во граѓанска војна, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за „Бол њуз“ (Bol News), Кан истакна дека очекува Врховниот суд да донесе одлука за барањето на неговата партија да биде обезбедена заштита на демонстрантите, и дека по одлуката ќе го објави датумот на следниот марш на кој ќе се побараат општи избори.
„Ќе видиме дали ќе ни дозволат да одиме на избори со законски и уставни средства, во спротивно, оваа земја ќе биде втурната во граѓанска војна“, рече Кан.
- Маршеви за избори -
Во својот говор во градот Пешавар на 22 мај, Кан изјави дека нема да ја прифатат новата влада и ги повика своите приврзаници да маршираат мирно во Исламабад на 25 мај за да се направи притисок за одржување предвремени избори.
Освен десетици поддржувачи на Кан, најмалку 100 полицајци беа повредени за време на маршот, а околу 1.700 лица беа приведени.
Администрацијата на Исламабад го забрани маршот што Кан планираше да го реализира на 26 мај.
На 26 мај Кан го откажа маршот до главниот град, а на Владата ѝ даде шест дена да го одреди датумот на изборите и да го распушти Парламентот.
- Падот на Владата на Имран Кан -
Владата на Имран Кан падна како резултат на гласањето за доверба одржано во пакистанскиот Парламент на 10 април.
Шахбаз Шериф, брат на Наваз Шериф, кој беше премиер во три мандати во земјата, беше избран за премиер со поддршка од апсолутното мнозинство со 174 гласа на гласањето одржано на 11 април.
Средбата на Кан со претседателот Владимир Путин во главниот град Москва на 24 февруари, кога Русија ги започна своите напади врз Украина, создаде непријатност во западните земји.
Кан како причина за средбата наведе дека на неговата земја „ѝ треба снабдување со гас, пченица и технологија поврзани со кибербезбедноста“ и ги обвини САД за соборувањето на неговата влада.