Şahin Demir
12 Август 2026•Ажурирано: 12 Август 2026
Противвоздушната одбрана на суданската армија пресретнала неколку самоубиствени беспилотни летала, за кои се тврди дека биле лансирани од паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), во обид да нападнат цивилни подрачја во државите Картум и Река Нил, објави денес „Судан њуз“, јавува Анадолу.
Според наводите, системите за противвоздушна одбрана на Суданските вооружени сили дејствувале против беспилотните летала, а други беспилотни летала, наводно, биле забележани над градот Ел Обеид во државата Северен Кордофан.
Засега нема информации за евентуални жртви или материјална штета, а РСФ не ги коментираа наводните напади.
Според „Судан њуз“, лансирањето беспилотни летала се случило во период кога РСФ претрпеле неуспеси на повеќе фронтови во регионот Кордофан, каде што суданските армиски сили неодамна ги засилија воените операции.
Медиумот наведе дека се чини оти нападите имале цел да го подигнат моралот на борците на РСФ по загубите на бојното поле, иако ова тврдење не може независно да биде потврдено.
Наводните напади со беспилотни летала се реализирале во период кога суданската армија ги проширува операциите во регионот Кордофан, каде што тврди дека во последните недели зазела повеќе градови и стратегиски позиции од РСФ, откако претходно ја зацврстила контролата врз Картум.
РСФ сè почесто користат беспилотни летала со долг дострел за напади врз воени објекти и критична инфраструктура на територијата под контрола на армијата, при што во последните напади цел биле Порт Судан, Атбара, Донгола и други градови далеку од главните линии на фронтот.
Судан е зафатен од конфликт од април 2023 година, кога избувнаа борби меѓу суданската армија и РСФ поради плановите за интегрирање на паравоените сили во редовната армија. Во војната загинаа десетици илјади луѓе, милиони беа раселени, а конфликтот предизвика една од најтешките хуманитарни кризи во светот.