Ekrem Biçeroğlu
05 Август 2022•Ажурирај: 08 Август 2022
БАГДАД (АА) - Претседавачот на Парламентот на Ирак, Мухамед ал Халбуси, објави дека го поддржува повикот на Муктада ал Садр за распишување предвремени избори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Халбуси на Твитер објави дека Претставничкиот дом е гласот на народот.
Додаде дека на ниеден начин не треба да се занемари повикот на Ал Садр за предвремени избори.
„Поддржуваме одржување општи и локални избори во договорениот рок за повторно покренување на демократскиот процес во согласност со Уставот и со заедничките активности заради највисоките национални интереси“, рече Халбуси.
Шиитскиот верски и политички водач Ал Садр во изјава на 3 август повика на распуштање на Парламентот и одржување предвремени избори.
Напнатоста во Ирак ескалира во последните денови по што коалицијата на групите блиски на Иран го номинира Мухамед Шиа ал Судани за нов премиер среде протестите на следбениците на Муктаде ал Садр.
Ирак е во политички ќор-сокак девет месеци по општите избори кои се одржаа во октомври 2021 година. Оттогаш не се успеа да се постигне договор за нова влада, а пратениците од движењето на Садр минатиот месец се повлекоа од Парламентот.