Adam Abu-bashal
22 Септември 2022•Ажурирај: 23 Септември 2022
АБУЏА (АА) – Претседателот на Гана, Нана Акуфо-Адо, истакна дека поради зголемените терористички инциденти на африканскиот континент, земјите се принудени да трошат големи суми пари за безбедност, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Акуфо-Адо имаше свое излагање на еден од состаноците на 77. Генерално собрание на ОН, најголемиот дипломатски форум што ги собира светските лидери во Њујорк.
Во своето обраќање претседателот Акуфо-Адо истакна дека терористичката репресија е изговор за несреќното повторно појавување на военото владеење во три земји од Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS).
Наведувајќи дека поради зголемените терористички инциденти во Африка, земјите се принудени да потрошат голема сума пари за безбедноста, Акуфо-Адо додаде: „Наместо тоа, овие пари може да се наменат за едукација на нашите млади и за обезбедување вештини. Исто така, овие пари може да се користат во изградба на патишта, мостови, болници и слична инфраструктура кај нас.“
Акуфо-Адо, меѓу другото, нагласи дека безбедносните проблеми на африканскиот континент се глобални и го заслужуваат вниманието на светската заедница за глобално решение.
- „Ја чувствуваме Руско-украинската војна директно во Африка“
Акуфо-Адо истакна дека војната меѓу Русија и Украина влијаела на економиите на африканските земји, вклучително и Гана.
Додавајќи дека војната се случи токму кога Гана и другите африкански земји се обидуваа да излезат од епидемијата на Ковид-19, Акуфо-Адо рече: „Во време кога се боревме со овие економски тешкотии, војната ја влоши ситуацијата. Руско-украинската војна директно ја чувствуваме во Африка.“
Тој, исто така, рече и дека секој куршум испукан во Украина ги погодил „џебовите на африканските земји“.