Şerife Çetin
14 Март 2017•Ажурирај: 15 Март 2017
АНКАРА (АА) - Во Извештајот на Комитетот за безбедност при Европската комисија се анализирани терористичките напади во Берлин, Париз и во Брисел, при што е утврдено дека безбедносните сили на Унијата имаат пропусти и дека тие пропусти го олеснуваат извршувањето на терористичките напади, пренесува Anadolu Agency (AA).
Британскиот весник „Гардијан“ јавува дека во извештајот се истакнува дека безбедносните сили на ЕУ не може да ги контролираат преминувањата на границите на ЕУ и дека осомничените за одредени изведени или планирани терористички напади во Европа без проблеми ги минале надворешните граници на ЕУ.
Извештајот покажува дека ЕУ нема систематски контролни механизми за своите државјани и дека не може да ги фати дури ни сопствените државјани за кои е издаден налог за апсење, и дека тие луѓе може слободно да ја преминуваат границата.
Тоа што е ограничена можноста за пребарување на националната база на податоци на земјите-членки, тоа што Шенгенот не овозможува користење на националните и меѓународните бази на податоци, го спречува преземањето на основните безбедносни мерки.
Истакнато е дека е потребно да се зголеми безбедноста меѓу земјите во Шенген зоната и дека слободното движење во рамките на ЕУ го олеснува планирањето на напади, нивното изведување, а потоа и бегство на извршителите.
Во извештајот се споменува и Абделхамид Абауд, за кого се смета дека командувал со напаѓачите во Париз 2015 година. Истакнато е дека и покрај фактот што имало потерница за негово апсење на подрачјето на Европа и пошироко, Абауд во 2013 година патувал од Белгија во Сирија, а потоа повторно се вратил во Европа.
Слична е ситуацијата и со Анис Амири, осомничениот во минатогодишниот напад на Божиќниот панаѓур во Берлин, во кој загинаа 12 лица.
Тој успеа со помош на неколку лажни идентитети да премине од Италија во Швајцарија, а од таму во Германија.
Во извештајот се предупредува на безбедносните пропусти и дека многумина осомничени за неодамнешните терористички напади биле на листата за следење, особено на националните листи за надзор. За одредени лица постоело и предупредување во Шенгенскиот информациски систем (SIS).