Emre Gürkan Abay
19 Февруари 2022•Ажурирај: 20 Февруари 2022
МОСКВА (АА) - Проруските сепаратисти во регионот Донбас во источна Украина наредија масовна евакуација на граѓаните во Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерите на двата сепаратистички региони, Доњецк и Луганск, тврдат дека Украина подготвува воена офанзива во регионот и дека приоритет им е евакуацијата на жените, децата и постарите лица во Ростовската Област преку границата.
Украина ги отфрли обвинувањата. Главниот командант на Вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, изјави дека Киев не планира „никакви офанзивни операции или гранатирање цивили во Донбас“.
Москва, според украинските власти и НАТО, од неодамна има распоредено повеќе од 100.000 војници во близина на Украина, со што предизвика стравувања дека Кремљ би можел да планира воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Негирајќи дека се подготвува за инвазија, Русија ги обвини западните земји дека ја поткопуваат нејзината безбедност преку проширувањето на НАТО кон нејзините граници.
Русија упати листа на безбедносни барања до Западот, меѓу кои и враќање на распоредувањето војници од некои поранешни советски републики и гаранции дека некои од тие држави нема да се приклучат на НАТО.