Eshat Fırat
06 Октомври 2016•Ажурирај: 06 Октомври 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) – Израелската морнарица во меѓународните води интервенираше на бродот „Зејтуна“, со кој патуваа жени-активистки со цел пробивање на блокадата на Газа. Тоа ја врати темата во јавноста за досегашните граѓански иницијативи во врска со блокадата, јавува Anadolu Agency (AA).
Израел уште од 2006 година го држи под блокада појасот Газа, каде што живеат околу 2 милиони Палестинци. Од овој датум, па досега, израелската морнарица противзаконски интервенирала на 9 брода што тргнаа на пат за да ја пробијат блокадата под слоганот: „Слобода за Газа“.
Израелската морнарица последен пат интервенираше вчера, во меѓународните морски води, на бродот „Зејтуна“ којшто тргна на пат од Шпанија на 14. септември.
Во крвавиот напад од страна на израелската армија врз првата „Флота на слободата“, во која се наоѓаше и бродот „Мави Мармара“, во 2010 година, 10 турски државјани-активисти го загубија својот живот. По овој напад, односите меѓу Турција и Израел дојдоа до критична точка на распаѓање.
Втората Флота за слобода на Газа, во 2011 година, беше откажана уште пред да тргне од грчкиот остров Крит, поради притисоците од Израел.
Третата флота беше вратена во 2015 година, како резултат на интервенцијата на Израел врз „Маријана“, еден од бродовите. Дваесеттемина активисти кои се наоѓаа на бродот „Маријана“, меѓу кои и поранешниот претседател на Тунис, Мухамед Мунсиф-ел-Марзуки, беа одведени на пристаништето Ашдод, по што беа депортирани.
Уште две иницијативи беа спречени во различни периоди во 2008 година од страна на израелската армија. Бродовите „Мерве“ и „Еид“ (Бајрам), кои тргнаа од Либија со цел да донесат хуманитарна помош, беа принудени да се вратат поради препреките од Израел.
Исто така, во 2009 година, неколку брода од движењето за слободна Газа што носеа хуманитарна помош, соочувајќи се со интервенциите од Израел, беа спречени да стигнат до Газа.