Mevlüt Özkan
26 Ноември 2025•Ажурирај: 26 Ноември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Пукотници одекнаа во близина на претседателската палата во Гвинеја-Бисао денес, во услови на зголемени тензии по претседателските избори, откако двајца кандидати одделно се прогласија за победници, јавија француските медиуми, пренесува Анадолу.
Извештајот беше потврден и од локалните медиуми.
„Во овој момент можете да слушнете пукотници во Бисао, точно на плоштадот“, објави Радио-телевизија Бантаба.
Други детали не беа соопштени до 13:40 часот по Гринич.
И независниот кандидат Фернандо Диас и изборниот штаб на актуелниот претседател Умаро Сисоко Ембало во понеделникот прогласија победа на претседателските избори одржани за време на викендот, додека земјата ги очекува официјалните резултати.
Државната изборна комисија претходно најави дека конечниот исход ќе биде објавен до утре.
Комисијата ги предупреди гласачите, кандидатите, политичките партии, коалициите и медиумите да не објавуваат никакви резултати пред официјалната објава.
Амбасадорот на Гана, Баба Камара, кој ја предводи мисијата за набљудување на изборите на Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS) во Гвинеја-Бисао за општите избори одржани на 23 ноември, рече дека изборниот процес поминал добро.
Дванаесет кандидати беа во трката за претседател.
Откако Ембало стапи на функцијата во 2020 година, неколкупати беа обелоденети извештаи за обиди за државен удар, што укажува на длабоки политички ривалства во земјата.