Elena Teslova
16 Јули 2020•Ажурирај: 17 Јули 2020
МОСКВА
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека санкциите против Иран нема шанси да бидат успешни, соопшти Кремљ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел, Путин повика на зачувување на Договорот за иранската нуклеарна програма од 2015 година, познат како Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA), за кој руската страна смета дека е главна алатка во решавање на загриженоста во врска со нуклеарните истражувања во Иран.
„Рускиот претседател ја истакна безнадежноста на санкциите и притисокот врз Техеран во овој поглед и важноста за зачувување на Заедничкиот сеопфатен план за акција за иранската нуклеарна програма, одобрен со Резолуцијата 2.231 на Советот за безбедност на ОН“, се вели во соопштението на Кремљ.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео на 30 јуни во повика Советот за безбедност на ОН да го продолжи ембаргото на оружје врз Иран, и предупреди дека прекинување на ембаргото ќе ја стави на ризик безбедноста во Блискиот Исток.
Помпео изјави дека доколку истече ембаргото, Иран би можел да ги купи руските воени авиони и да ја надгради својата подморска флота и Техеран ќе биде слободен да стане дилер на оружје, обезбедувајќи оружје од Венецуела до Сирија, па сѐ до Авганистан.
Во врска со Либија, Путин и Меркел изразија согласност за „потребата да се надмине кризата во оваа земја исклучиво со политички и дипломатски методи“ преку воспоставување меѓулибиски дијалог, како што е пропишано со одлуките на јануарската Конференција во Берлин, одобрена од Советот за безбедност на ОН .
Во врска со ситуацијата во Украина, Путин и Меркел негативно го проценија повикот на украинските власти да се ревидираат Договорите од Минск во 2015 година, наведувајќи го како „единствена основа за решавање на внатрешниот украински конфликт“.
Договорите потпишани од лидерите на Украина, Русија, Франција и Германија и надгледувани од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), беа подготвени со цел да се запре со конфликтите во источна Украина.