Umur Koçak Semiz
20 Септември 2016•Ажурирај: 20 Септември 2016
ХАВАНА (AA) - Претседателот на Иран, Хасан Рухани престојува во официјална посета на Куба, а во Хавана се состана со поранешниот и со актуелниот претседател на таа земја, Фидел Кастро и Раул Кастро, јавува Anadolu Agency (AA).
Иранскиот претседател Рухани присуствуваше на 17. Самит на лидерите на Движењето на неврзаните во Венецуела, а потоа на патот кон Њујорк, каде што ќе присуствува на Седницата на Генералното собрание на Обединетите нации, ја посети и Куба.
По доаѓањето во главниот кубански град Хавана, Рухани прво се состана со поранешниот кубански лидер, 90-годишниот Фидел Кастро. Потоа одделно се состана и со помладиот, Раул Кастро, кој е на функцијата претседател на Куба од 2006 година.
Владата на Куба соопшти дека лидерите Раул и Фидел Кастро со иранскиот колега разговарале за важноста на инвестициите во развојот на земјоделството, како и за заканите за безбедноста и мирот во светот. Иранската новинска агенција ИРНА јавува дека Рухани со кубанските лидери разговарал за неопходните исчекори кон дополнителното интензивирање на пријателските односи меѓу двете земји.
Куба е симбол на борбата против колонизацијата на американскиот континент. Народите на Иран и на Куба се жртви на големите притисоци на странските сили и симбол на отпорот кон неправдата“, порача Рухани.