Mariam Ashalem De Andres
01 Септември 2026•Ажурирано: 01 Септември 2026
Американскиот државен секретар Марко Рубио во петокот се сретна со Мајк Хамер, шеф на американската дипломатска мисија во Хавана, за да разговараат за ситуацијата во Куба, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Средбата се одржа во Белата куќа, а ја потврди Амбасадата на САД во Куба во кратко соопштение, во кое се наведува дека двајцата претставници разговарале за ситуацијата на островот и ја потврдиле својата „цврста поддршка за кубанскиот народ“, пренесе веб-страницата „Периодико Кубано“.
За време на средбата, Хамер го информирал Рубио за напорите поврзани со испораката на 100 милиони долари хуманитарна помош преку „Каритас“ и други организации што се сметаат за доверливи, се наведува во соопштението објавено од американската дипломатска мисија, а кое го цитира медиумот.
Разговорите се одржаа во услови на зголемени политички и дипломатски тензии меѓу Вашингтон и Хавана, како и по неодамнешните случувања во Венецуела, кои би можеле да имаат економски и безбедносни последици за Куба.
Американската операција во Венецуела дополнително ги влоши односите, при што кубанската Влада соопшти дека 32 кубански државјани биле убиени додека извршувале заштитни и советодавни функции за венецуелската Влада. Хавана ја опиша американската акција како чин на агресија и прекршување на меѓународното право, според „Периодико Кубано“.
Медиумот наведе дека разговорите меѓу Рубио и Хамер можеле да го опфатат и влијанието на промените во Венецуела врз Куба, особено во економскиот и енергетскиот сектор, имајќи предвид дека островот долго време зависи од снабдувањето со нафта од Венецуела.
Исто така, како потенцијално прашање во американско-кубанските односи е посочена улогата на кубанскиот персонал во безбедносните структури во Венецуела.
Куба се соочува со сериозна економска криза и зголемено социјално незадоволство, додека Вашингтон продолжува да врши политички и економски притисок врз Хавана.
Упатувањето на Амбасадата на САД на нејзината поддршка за „кубанскиот народ“ ги одразува напорите на САД да направат разлика меѓу кубанското население и кубанската Влада, според „Периодико Кубано“.
По средбата не беа објавени конкретни промени во американската политика кон Куба.
Сепак, разговорите ја нагласуваат важноста на Куба за администрацијата на Трамп, во услови кога Вашингтон ја преиспитува својата политика кон островот по неодамнешните случувања во Венецуела.