Dilara Karataş
13 Ноември 2025•Ажурирај: 14 Ноември 2025
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека мора да запре поддршката во оружје за Силите за брза поддршка (РСФ), кои ги продолжуваат нападите во Судан, известува Анадолу.
Рубио разговараше со новинарите по состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 што се одржа на Нијагарините Водопади, во Канада.
Рубио истакна дека настаните во Судан се „ужасни“ и додаде дека по ова прашање соработуваат со Египет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати и „вршат притисок врз релевантните страни“.
„Оваа поддршка (во оружје) мора да запре. Сосема е јасно дека РСФ добива странска помош и јасно е дека оваа помош не доаѓа како финансирање од само една земја. Во исто време, некои земји дозволуваат нивната територија да се користи за испорака и транспорт на оваа помош“, изјави Рубио и додаде дека не сака директно да посочи ниту една земја по ова прашање.
Покрај тоа, Рубио истакна дека се неточни информациите дека Велика Британија го прекинала споделувањето на разузнавачки информации со Вашингтон поради загриженоста во врска со американските напади на Карибите врз „бродовите за кои се тврди дека пренесуваат дрога“.
На прашањето за наводните обвинувања од Европа дека овие напади би можеле да го прекршат меѓународното право, Рубио одговори:
„Според мене, Европската Унија нема овластување да одлучува што е меѓународно право“.