Mustafa Keleş
09 Мај 2017•Ажурирај: 09 Мај 2017
ЊУЈОРК (АА) - Русија до Советот за безбедност на ОН достави нацрт-резолуција во врска со договорот за формирање на „зони без судири“, односно безбедни зони на подрачјето на Сирија, кои земјите-гаранти Турција, Русија и Иран го потпишаа во текот на четвртата рунда преговори во казахстанскиот главен град Астана, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на нацрт-резолуцијата е да се обезбеди поддршката на Советот за безбедност за договорот, чија цел е намалување на тензиите и ставање крај на судирите во земјата погодена од војна.
Елбио Росели, амбасадор на Уругвај, кој моментално претседава со Советот за безбедност, за новинарите изјави дека сѐ уште не се знае кога ќе се одржи гласањето за предложената нацрт-резолуција.
Тој истакна дека во моментов траат разговорите за нацрт-резолуцијата.
Во нацрт-резолуцијата се наведува дека од сите земји членки на ОН се очекува да придонесат за реализација на договорот за „зони без судири“ во Сирија.
Да потсетиме, на 4 мај во Астана беше потпишан договор меѓу Турција, Русија и Иран, како гаранти на спротивставените страни во конфликтот во Сирија. Договорот подразбира формирање на зони без оружени судири на подрачјето на неколку региони во земјата. На преговорите присуствуваше и претставникот на САД.