Burç Eruygur
05 Декември 2022•Ажурирај: 07 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Москва е заинтересирана за склучување мировен договор меѓу Азербејџан и Ерменија, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пред средбата со неговиот азербејџански колега Џејхун Бајрамов во Москва, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Заинтересирани сме да направиме сè што можеме за да помогнеме во деблокирање на транспортните врски, разграничување на границите, склучување мировен договор и генерално зајакнување на мерките за градење доверба, вклучително и во рамките на развивање контакти меѓу јавните структури, политиколози, парламентарци“, истакнал Лавров, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Лавров нагласил дека неговата средба со Бајрамов се фокусира на спроведувањето на трилатералните договори постигнати од азербејџанскиот, ерменскиот и рускиот лидер во 2020, 2021 и 2022 година.
„Нивната агенда ја вклучува и регионалната соработка, прашањата за регионот на Каспиското Море, контактите во ОН, ОБСЕ (Организација за безбедност и соработка во Европа), ЗНД (Комонвелтот на независни држави), како и други случувања од заеднички интерес“, рече Лавров.
Шефот на руската дипломатија исто така го нагласи потпишувањето на Декларацијата за сојузничка соработка за време на посетата на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев на Москва во февруари, велејќи дека тоа зацементирало нови квалитети на односите меѓу Русија и Азербејџан.
„Денес имаме добра можност да видиме како принципите поставени од претседателите во овој важен документ се спроведуваат во сите области на билатералните контакти“, додаде Лавров.
Алиев во четвртокот се состана со Игор Ховаев, рускиот претставник за нормализација на односите меѓу Азербејџан и Ерменија, во главниот азербејџански град Баку, на разговори за процесот на нормализација на Азербејџан со Ерменија и подготовката на мировниот договор Баку - Ереван.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската војска го окупира Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан.
Есента 2020 година, во судирите што траеја 44 дена, Баку ослободи неколку градови, села и населби од ерменската окупација, што заврши со примирје со посредство на Москва. Мировниот договор во Азербејџан се слави како триумф.