Dmıtrı Chırcıu
29 Јануари 2020•Ажурирај: 30 Јануари 2020
МОСКВА (АА) - Властите на Русија и Франција соопштија дека го анализираат таканаречениот Мировен блискоисточен план кој синоќа во Вашингтон го претставија американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Го анализираме тој план. Русија е одговорна земја и по потреба ќе ги поддржи сите напори кои ќе бидат конструктивни по воспоставувањето на траен мир на Блискиот Исток“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Тој додаде дека официјална Москва ги анализира и информациите дека палестинската страна не го прифаќа американскиот предлог на планот.
„Рускиот претседател Владимир Путин утре во Москва ќе се состане со израелскиот премиер Нетанјаху“, изјави Песков.
И портпаролката на Министерството за надворешни работи на Франција, Агнес фон дер Мил, соопшти дека властите на таа земја го анализираат унилатералниот план кој американскиот претседател Трамп го објави синоќа.
„Франција ги поздравува напорите кои ги вложува американскиот претседател Трамп и внимателно го анализира неговиот план“, се наведува во соопштението.
Таа исто така порача дека генералниот став на Франција е тоа дека блискоисточната криза треба да се реши во рамките на меѓународното право и врз основа на формирање на две независни држави.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа го откри таканаречениот Мировен блискоисточен план, а во таа пригода најави дека Ерусалим (Кудс), како дел од тој план, ќе биде прифатен како неделив главен град на Израел.
Тој додаде дека е предвиден рок од четири години за Палестина да стане независна држава. Рече дека таканаречениот Мировен план за Блискиот Исток е „последна шанса“ за независна палестинска држава и за Палестинците.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека според таканаречениот Мировен блискоисточен план, палестинските бегалци немаат право на враќање, а нелегалните еврејски населби во Западниот Брег ќе добијат статус на израелска територија.
Палестинската страна, вклучувајќи ги движењата на отпор, Фатах и Хамас, го отфрлаат планот на Трамп и најавуваат продолжение на борбата за правата на Палестинците.