Ali Cura
04 Мај 2022•Ажурирај: 05 Мај 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, истакна дека израелски платеници се борат против Русија во баталјонот „Азов“ во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервјуто за радио „Спутник“, Захарова се осврна на тензиите со Израел во последните денови.
Нагласувајќи дека израелските политичари претеруваат со информативната кампања, Захарова рече: „Ќе кажам нешто што не сакаат да го слушнат. Можеби ќе бидат заинтересирани. Израелските платеници стојат рамо до рамо со милитантите на „Азов“ во Украина.“
Захарова изјави дека Израел не може да не знае за тоа и дека лично видела видеоснимки и други материјали во однос на тоа прашање.
- Тензии меѓу Русија и Израел
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во интервју за еден италијански ТВ-канал рече: „Тие велат дека [украинскиот претседател Владимир] Зеленски е Евреин. За мене и Хитлер имал еврејски корени. Најголемите антисемитисти се Евреите.“
Израелскиот министер за надворешни работи, Јаир Лапид, реагирајќи на зборовите на Лавров, рече дека тоа е „непростлива, скандалозна изјава, ужасна историска грешка“ и дека очекуваат извинување од Русија.
Беше соопштено дека рускиот амбасадор во Тел Авив, Анатолиј Викторов, бил повикан во Министерството за надворешни работи на Израел.
Подоцна, руското Министерство за надворешни работи, наведувајќи дека антисемитизмот се развил во Украина во последниве години, нагласи: „Историјата, за жал, знае примери на трагична соработка меѓу Евреите и нацистите.“