Jeyhun Aliyev
29 Јули 2022•Ажурирај: 30 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Над 50 украински воени заробеници загинале во напад во текот на ноќта во истражен затвор во подрачјето на Доњецк, источна Украина, контролирана од Русија, соопшти локален претставник близок до Кремљ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Челникот на самопрогласената Народна Република Доњецк, Денис Пушилин, рече дека бројот на жртвите во гранатирањето се искачил на 53, во однос на претходната бројка од 40 која беше соопштена од руското Министерство за одбрана“, објави руската новинска агенција „Интерфакс“.
Министерството, исто така, соопшти дека 75 лица биле ранети во нападот, тврдење кое Киев го негира.
Министерството додаде дека повеќето од загинатите биле заробеници од фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол, која падна во рацете на Русија по долга опсада.
„Украинскиот напад беше намерна крвава провокација, со цел да ги заплаши украинските војници да не се предадат“, се тврди во соопштението.
Во нападот биле повредени и осуммина вработени во затворот.
„Нападот е извршен со проектил лансиран од артилериски ракетен системи со долг дострел (HIMARS) обезбеден од САД“, се додава во соопштението.
„Голем број украински војници доброволно се предадоа во последните денови откако дознаа за хуманиот однос на Русија кон воените заробеници“, се наведува во соопштението.
Антон Герашченко, советник во Министерството за внатрешни работи на Украина, ги демантира руските тврдења.
„Сите руски медиуми се полни со тврдења дека Украина извршила ракетен напад врз затворот во Еленовка во близина на Доњецк - каде што биле украинските заробеници, главно од „Азовстал“. Украинската армија никогаш не би гаѓала во таков објект. Тоа е или целосна лага или друго ужасно руско злосторство“, напиша тој на Твитер.
Енклавата Доњецк беше прогласена за „независна“ во пресрет на војната, која Русија ја започна на 24 февруари, но никој освен Москва не ја призна.