Elena Teslova
23 Март 2022•Ажурирај: 24 Март 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин денеска ѝ даде инструкции на Владата да ги префрли во рубљи плаќањата за руските енергетски ресурси кои доаѓаат од „непријателските земји“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот со Владата во Москва, Путин рече дека откако САД и ЕУ го санкционираа рускиот државен долг во долари и евра, што во економска смисла значи дека најавуваат неисполнување на нивните финансиски обврски кон Русија, веќе нема причина да се продолжи со користење на овие валути.
„Нема смисла да ги испорачуваме нашите стоки во ЕУ и САД и да добиваме исплати во долари и евра“, нагласи тој.
„Одлучив во најкус можен рок да се имплементираат пакет мерки за пренос на плаќањето, да почнеме првин со ова, за нашиот природен гас испорачан до таканаречените непријателски земји во руска [валута], во рубли“, рече Путин.
Тој додаде дека Русија продолжува и ќе продолжи да снабдува гас во согласност со обемот и цените во рамките на договорите.
Првично, оваа мерка ќе се применува за земјите кои се означени од Русија како „непријателски“, според листата што Владата ја објави на почетокот на март.
Руско-украинската војна, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, при што ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа остри финансиски санкции кон Москва.
Според проценките на Обединетите нации (ОН), од почетокот на војната досега животот го загубија најмалку 953 цивили, додека 1.557 се повредени.
„Над 3,5 милиони луѓе ја напуштиле Украина и пребегале во соседните земји, а милиони се раселени внатре во Украина“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.