Gülbahar Sayım
14 Јануари 2021•Ажурирај: 15 Јануари 2021
ТУНИС
Русија преговара со власта на Централноафриканската Република (ЦАР) за користење на нејзиниот воздушен простор со цел да ѝ обезбеди поддршка наспроти растечките безбедносни проблеми во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени во националните медиуми, руски официјални лица се состанале со претставници на ЦАР за да им се дозволи на руските воени авиони да ѝ обезбедат воздушна поддршка на земјата која има безбедносни проблеми со бунтовниците.
Владата на ЦАР сè уште не даде официјална изјава по ова прашање.
Во Централноафриканската Република во која околу 80% од територијата се наоѓа под контрола на вооружените групи, напад за заземање на главниот град Бангуи започнаа бунтовничките групи собрани под капата на коалицијата „Патриоти за промена“.
Силви Темон, Министерот за надворешни работи на ЦАР, побара помош од Русија и Руанда за обезбедување на изборниот процес во земјата што се одржа минатиот месец. Руанда и Русија одговорија позитивно на барањето на ЦАР за помош и испратија стотици војници во земјата.
Руските власти информираа дека освен 14 руски офицери кои се на должност во рамките на Повеќедимензионална мисија за интегрирана стабилизација на ОН во Централноафриканската Република (МИНУСКА), на барање на претставниците на власта на ЦАР, во оваа земја испратиле голем руски воен персонал со цел да ја обучат армијата на земјата.