Dmitri Chirciu
30 Јули 2022•Ажурирај: 31 Јули 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Министерството за одбрана на Русија, Игор Конашенков, изјави дека бројката на заробени украински војници кои смртно настрадаа во нападот на затворот во местото Оленивка во Украина се зголемил на 50, известува Агенција Анадолија (АА).
Конашенков го коментираше ракетниот напад на затворот во близина на местото Оленивка во Украина извршен на 29 јули.
Тој тврди дека „намерно нападот е изведен од страна на киевската администрација“ и тоа со ракетниот систем ХИМАРС од американско производство. Тој рече дека во моментот на нападот во затворот се наоѓале 193 заробени украински војници.
„Во ракетниот напад животот го загубија 50 заробени украински војници. Во болница се префрлени 73 потешко ранети војници“, рече Конашенков.
Портпаролот Конашенков додаде дека Министерството за одбрана на Русија ја објавило листата на ранети и загинати војници.
Како одговорни за „крвавиот масакр кон Украинците ги сметаме украинскиот претседател Владимир Зеленски и САД, кои ја поддржуваат украинската администрација“.
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, ја обвини Русија за нападот на затворот во кој се наоѓаа заробените украински војници и ги повика Обединетите нации (ОН) да реагираат.