Elena Teslova
15 Март 2022•Ажурирај: 16 Март 2022
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за одбрана соопшти дека украинскиот јужен регион Херсон целосно е под контрола на руската Армија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Руската Војска, заедно со бунтовничките сили на Донбас, продолжува да ја развива офанзивата“, рече портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, на дневниот брифинг во Москва.
Тој додаде дека во изминатите денови погодени биле шест украински борбени авиони, седум хеликоптери и 13 беспилотни летала.
„Два борбени авиона „Су-24“ и „Су-25“, заедно со хеликоптер „Ми-8“, беа погодени со системите за противвоздушна одбрана, додека четири борбени авиони „Су-25“, еден „Ми-24“ заедно со пет хеликоптери „Ми-8“ беа уништени во хангар на аеродромот во близина на градот Краматорск“, рече портпаролот.
„Од вчера руската авијација погоди вкупно 136 украински воени објекти, вклучително седум контролни и комуникациски центри, четири противвоздушни ракетни системи, три повеќекратни ракетни фрлачи, четири радарски станици, одредени елементи на противвоздушниот ракетен систем „С-300“, една станица за електронско војување, четири складишта за муниција и 72 места за акумулација на воена опрема“, додаде Конашенков.
Тој истакна дека од „почетокот на специјалната воена операција во Украина уништени се 156 беспилотни летала, 1.036 тенкови и други оклопни борбени возила, 127 повеќекратни ракетни фрлачи, 471 теренска артилериска пушка и минофрлач, како и 1.054 специјални воени возила.“
Според Конашенков, руските воздухопловни сили зазеле и база на украинските националисти и платеници, земајќи како трофеј неколку парчиња оружје што западните земји го доставиле во Украина, меѓу кои и 10 преносни противтенковски ракети „Џавелин“.
„Сето запленето оружје беше предадено на бунтовничките сили на Доњецк и Луганск“, додаде тој.
Војната помеѓу Украина и Русија, што започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, доведе до воведување финансиски санкции кон Москва и поттикна истапување на светските компании од Русија.
Од почетокот на војната во Украина, според податоците на Обединетите нации, животот го изгубиле најмалку 636 цивили, додека 1.125 се повредени; над 3 милиони луѓе пребегаа во соседните земји.