Elena Teslova
19 Април 2022•Ажурирај: 20 Април 2022
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за одбрана синоќа соопшти дека логистичкиот центар во близина на украинскиот град Лавов бил погоден со проектили со висока прецизност кои уништиле големо количество оружје испорачано на Украина во изминатите шест дена од САД и европските земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Исто така, уште 16 цели беа погодени со проектили со висока прецизност, вклучително и два контролни пункта, две упоришта на украинските војници и складиште со воена опрема“, изјави портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, на брифинг со новинарите во Москва.
„Вкупно, од почетокот на специјалната воена операција, уништени се 139 авиони и 483 беспилотни летала, заедно со 250 системи за противвоздушна одбрана, 2.337 тенкови и други оклопни борбени возила, 254 повеќецевни ракетни фрлачи, 1.009 полска артилерија и минофрлачи, како и 2.196 воени возила“, рече Конашенков.
Војната меѓу Русија и Украина, што започна со рускиот напад на 24 февруари, предизвика меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и го поттикна егзодусот на светските компании од Русија.
Најмалку 2.072 цивили се убиени и 2.818 ранети во Украина од почетокот на војната, според проценките на Обединетите нации, а реалните бројки се многу поголеми.
Повеќе од 4,9 милиони Украинци побегнаа во други земји, а повеќе од седум милиони се внатрешно раселени, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.