Burç Eruygur
19 Мај 2024•Ажурирај: 20 Мај 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Русија денес соопшти дека соборила повеќе од 60 украински дронови, известува Анадолу.
Во соопштението на руското Министерство за одбрана се наведува дека системите за противвоздушна одбрана на земјата собориле 57 дронови над подрачјето на Краснодар и три над пограничниот регион на Белгород.
Во соопштението се наведува дека уште еден дрон и 9 тактички проектили ATACMS се соборени над полуостровот Крим, кој Москва нелегално го анектираше во 2014 година.
Роман Синјаговски, началникот на округот Славјанск во Краснодар, на платформата Телеграм објави дека 6 дронови користени во нападот на овој регион паднале на територијата на рафинеријата за нафта во Славјанск на Кубан.
Тој додаде дека во регионот се забележани уште две експлозии и дека според првичните информации нема жртви ниту е причинета материјална штета.
Локалните медиуми објавија дека е забележан напад со дрон во рускиот регион на Ленинград, во кој е погоден магацин со нафта во градот Виборг, кој се наоѓа на околу 38 километри од границата со Финска, што гувернерот Александр Дрозденко го негираше.
„Информациите за напад на беспилотно летало на магацин за нафта во Виборг не се точни. Експлозијата се случи на територијата на стар нафтен магацин во Виборг поради употреба на пиротехника. Нема повредени и не постои опасност од пожар“, објави Дрозденко на Телеграм.
Украинските власти не ги коментираа овие тврдења на Русија.