Burç Eruygur
02 Јуни 2026•Ажурирано: 02 Јуни 2026
Русија минатиот месец ја снабди својата воздухопловна база во Сирија, со пратки преку товарен брод, што ги сигнализира намерите на Москва за задржување на стратегиското воено влијание во земјата, објави „Волстрит џурнал”, пренесува Анадолу.
Ниту руските, ниту сириските, ниту американските власти досега не дадоа коментар во врска со наводите.
Повикувајќи се на неименувани американски претставници и на анализираните сателитски снимки, „Волстрит џурнал“ објави дека товарниот брод „Спарта“ во март отпловил од рускиот град Санкт Петербург, а во мај пристигнал во сириското пристаниште Тартус.
Испораката наводно била реализирана со придружба на бродови на руската воена морнарица во поголем дел од маршутата, како прва ваква мисија за снабдување по падот на режимот на Башар ал-Асад, се наведува.
Според некои американски претставници, товарниот брод превезувал опрема за руската воздухопловна база во Хмејмим.
Ова укажува дека Русија го задржува правото на користење на базата и покрај падот на Ал-Асад, се додава.
„Волстрит џурнал“ го цитира Арон Лунд, експерт за Сирија од Шведската агенција за одбранбени истражувања, кој вели дека Русија успеала да го убеди Дамаск да ја задржи контролата врз своите бази.
Во веста, исто така, се наведува дека бродот е дел од малата флота што Русија ја користи за тајни испораки на оружје и друга воена опрема во регионот.
„Некои американски претставници изјавија дека мисијата за снабдување на 'Спарта' не ги вклучила алармите бидејќи врските на сириската Влада со Москва се добро познати, а воената опрема е далеку од американските интереси, кои првенствено се концентрирани во североисточниот дел на земјата“, се додава во веста.
Русија повлече голем дел од својот персонал во Сирија по падот на Ал-Асад, пренесува „Волстрит џурнал”, цитирајќи американски претставник запознаен со разузнавачките процени, кој тврди дека стотици руски кадри и понатаму се наоѓаат во земјата.
Русија држи два клучни воени објекта во Сирија: поморска логистичка база во Тартус и воздухопловната база Хмејмим во северозападната провинција Латакија.
За иднината на овие воени објекти, исто така, се разговарало на состанокот во јануари меѓу сириските претставници и рускиот претседател Владимир Путин, информираше „Волстрит џурнал”.