Ömer Faruk Yıldız
23 Мај 2022•Ажурирај: 24 Мај 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Советникот во постојаната мисија на Русија во Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) во Женева, Борис Бондарев, поднесе оставка поради рускиот напад врз Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бондарев го објави и писмото за оставка на социјалните мрежи.
„Во мојата 20-годишна дипломатска кариера видов многу промени во нашата надворешна политика, но никогаш не се срамев од мојата земја како што е случајот од 24 февруари“, рече Бондарев.
Посочувајќи на актуелната војна меѓу Русија и Украина, Бондарев нагласи дека повеќе не може да биде дел од тој „крвав, безумен и непотребен срам“.
Во писмото, Бондарев понатаму наведува дека за 18 години рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, од успешен дипломат се претворил во некој кој му се заканува на светот и најавува конфликти.
„Министерството веќе нема никаква врска со дипломатијата. Ова место целосно се претвори во центар на воени подбуцнувања, лаги и омраза“, заклучува Бондарев.