Haydar Şahin
23 Јуни 2022•Ажурирај: 23 Јуни 2022
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Ибрахим Реиси и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, разговараа за зајакнување на соработката и координацијата меѓу двете земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според иранската официјална новинска агенција ИРНА, Реиси се сретна со рускиот министер за надворешни работи, Лавров, кој се наоѓа во главниот град Техеран на официјална покана.
Реиси и Лавров размениле мислења за билатералните односи, како и за регионалните и меѓународните прашања.
Претседателот Реиси истакна дека разговорите и средбите меѓу Иран и Русија ја покажале сериозната волја на двете земји да обликуваат нов период на стратешка соработка.
„Зајакнувањето на соработката и координацијата е ефикасна стратегија против американските економски санкции против независните земји“, рече Реиси.
Осврнувајќи се на последните случувања во Украина, Реиси ја истакна важноста од што поскоро завршување на војната и подготвеноста на Иран да помогне за дипломатско решение.
Истакнувајќи дека НАТО следи „експанзионистичка политика“ во различни региони во светот, како што се Западна Азија, Кавказ и Централна Азија, и дека на тоа треба да се спротивстави, Реиси рече: „Нема сомнеж дека провокациите на САД и НАТО одиграа улога во формирањето на овие конфликти.“
Рускиот министер за надворешни работи, Лавров, соработката меѓу Техеран и Москва ја оцени од различни аспекти, вклучително и на економско поле. Лавров нагласи дека Русија е подготвена да ја подигне соработката со Иран на стратешко ниво.
Осврнувајќи се на членството на Иран во Шангајската организација за соработка, Лавров ја повтори поддршката на неговата земја за Иран да ја прошири својата улога во регионалните и меѓународните организации.