Islam Doğru
07 Јули 2021•Ажурирај: 08 Јули 2021
ЊУЈОРК
Во досегашните операции за пребарување и извлекување, спасувачките екипи ги пронајдоа телата на 36 лица кои ги загубија животите при уривањето на половината од 13-катната зграда на 24 јуни, во местото Сурфсајд во Мајами, американската сојузна држава Флорида, известува Агенција Анадолија (АА).
Даниела Левин Кава, градоначалничката на Мајами-Дејд, соопшти дека се пронајдени телата на уште 4 лица за време на тековните активности за отстранување на остатоците од зградата.
Кава изјави дека се идентификувани 29 од пронајдените 36 тела, додавајќи дека уште 109 лица се наоѓаат под урнатините.
Поради тропскиот циклон Елза што се приближува кон Флорида, преостанатиот јужен дел од зградата беше срушен на контролиран начин на 4 јули во 10:30 часот по локално време, со образложение дека зградата не е безбедна.
- Половина од зградата со 270 луксузни станови одеднаш се урна
Во местото Сурфсајд, северно од Мајами Бич, со население од околу 5.600 жители, одеднаш се сруши дел од 13-катната луксузна зграда „Чемплејн“ со 270 станови на 24 јуни.
Официјалните претставници на Сурфсајд во преписката со управата на зградата во 2018 година посочиле дека зградата што потекнува од 1981 година има големи структурни оштетувања, информирајќи дека се потребни приближно 9 милиони долари за поправка на испуканите столбови и бетонот што се распаѓа.