Servet Günerigök
14 Ноември 2019•Ажурирај: 15 Ноември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Властите на Соединетите Американски Држави (САД) синоќа го поздравија изборот на опозициската сенаторка Жанин Анес на функцијата привремена претседателка на Боливија, јавува Anadolu Agency (АA).
„Го поздравуваме нејзиното преземање на функцијата од која во согласност со Уставот ќе ја води Боливија низ демократска транзиција“, се наведува во соопштението на американскиот државен секретар, Мајк Помпео.
Членката на опозициската Демократска унионистичка партија и втора претседателка на Сенатот, Жанин Анес, во својство на привремена претседателка на Боливија ќе се води до новите избори, кои треба да бидат одржани во наредните 90 дена.
На таа функција ја именуваше Парламентот, чија седница ја бојкотираа пратениците на владејачкото Движење на социјалистичката парија, па Анес не е избрана со мнозинство гласови.
Таа сепак тврди дека функцијата шефица на државата ја презела во согласност со Уставот и законите на Боливија, а вчера нејзиното именување го поздрави и раководството на боливиската Војска.
Анес во Претседателската палата влезе носејќи Библија во раката, а насобраните поддржувачи извикуваа „Библијата се врати во палатата“.
Од друга страна, поддржувачите на досегашниот претседател Ево Моралес и понатаму му пружаат поддршка на масовните собирања во главниот боливиски град Ла Пас.
Моралес на социјалните мрежи порача дека во Боливија се случил најлошиот и најподмолен државен удар во историјата.
Тој тврди дека Анес без мнозинството во Парламентот не може да биде именувана за претседателка на Сенатот и претседателка на државата.
Претседателските избори во Боливија се одржани на 20 октомври, а Моралес доби 47,8 отсто од гласовите, со што обезбеди победа во првиот круг. Меѓутоа, опозицијата тврдеше дека се направени измами, а некои партии ги повикаа поддржувачите да излезат на улиците.
Опозицијата прво бараше повторување на изборите, а откако Моралес најави дека ќе ги повтори изборите, опозицијата излезе со ново барање со кое бараше Моралес да не учествува на повторените избори.
Моралес во неделата поднесе оставка по повикот на командантот на боливиската Војска, Вилијамс Калиман, во обраќањето на нацијата во директен пренос на телевизија.
Моралес моментално е во егзил во Мексико, кој е меѓу државите кои актуелната криза во Боливија ја осудуваат и нарекуваат државен удар.