Dildar Baykan Atalay
20 Септември 2021•Ажурирај: 21 Септември 2021
ЊУЈОРК
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го посети 36-катниот центар „Туркеви“ во Њујорк кој денес ќе биде свечено отворен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган престојува во посета на САД каде ќе присуствува на 76. заседание на Генералното собрание на ОН.
При посетата на САД за учество на Генералното собрание на ОН, турскиот претседател го посети новиот центар „Туркеви“ кој се наоѓа преку патот на зградата на ОН.
Ердоган денес свечено ќе ја отвори зградата „Туркеви“. Ердоган од официјалните претставници беше информиран за изградбата на зградата која привлече големо внимание на јавноста.

Во зградата ќе бидат сместени и постојаното Претставништво на Турција при ОН и генералниот конзулат на Турција во Њујорк.
Се работи за зграда која е купена од американскиот ИТ гигант ИБМ во 1977 година, благодарение на напорите на тогашниот министер за надворешни работи на Турција Ихсан Сабри Чаглајангил. До 2013 година зградата слушеже како постојано Претставништво на Турција при ОН и генералниот конзулат на Турција во Њујорк.
Сега на тоа место е изграден облакодер од 36 ката во согласност со активната надворешна политика на Турција, што секако го зголеми угледот и потребите на официјалните претставници на Анкара во текот на последните две децении.
Новата зграда висока 171 метар и површина од околу 20.000 квадратни метри, се наоѓа наспроти зградата на ОН и постојаното Претставништво на САД при ОН. Во зградата, меѓу останатото, се наоѓаат голем број сали за состаноци, изложбени салони, паркинг и други простории.
Проектот на центарот „Туркеви“ го дизајнираше американската архитектонска компанија „Перкингс Истмен“. Главниот архитект Џонатан Старк го осмисли конечниот изглед на зградата откако ја посети Турција, за да ги посети тамошните архитектонски достигнувања.
Зградата, која има традиционални турски архитектонски мотиви, особено од селџучкиот период, се издига кон небото во форма на лале и може да се види од центарот на Менхетен, Ист Ривер и Лонг Ајленд.
Зградата е дизајнирана како симболичен облакодер што ќе се вклопи во хоризонтот на Њујорк и ќе ја одразува турската култура, историја и разноликост.
Самиот влез на зградата е инспириран со архитектурата на селџучки и османлиски караван-сараи, односно местата за сместување на учесниците на караванот на нивниот долг пат.
Зградата содржи и систем за складирање кој овозможува собирање и користење на дождовница, поседува и сертификат „Leed Silver“ во рамките на зелена зграда и има карактеристика на облакодер кој е еколошки прифатлив.
Центарот „Туркеви“ со своите карактеристики и новитети би можел со сигурност да стане една од култните згради во Њујорк. На изградбата на зградата работеше турско-американска партнерска компанија.