Kasım İleri
11 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) и Кина, двете земји кои се најголеми произведувачи на емисии на јаглерод диоксид во светот, објавија дека постигнале договор за забрзување на соработката во борбата против климатските промени во рамките на Самитот за климатските промени во Глазгов, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во заедничката изјава на двете земји споделена од американскиот Стејт департмент, се наведува дека САД и Кина ги поздравуваат напорите поврзани со климатските промени, но признаваат дека постои значителен јаз помеѓу актуелните напори и она што треба да се направи за да се постигнат целите на Парискиот договор.
Во соопштението се наведени темите на кои двете страни планираат да соработуваат:
„Воспоставување регулаторни рамки и еколошки стандарди за намалување на емисиите на стакленички гасови во 2020-тите; максимизирање на општествените придобивки од транзицијата на чиста енергија; намалување на емисиите на јаглерод диоксид во секторите за крајна потрошувачка и создавање политики за поттикнување на употребата на електрична енергија; воспоставање клучни области на кружна економија, како што се зелениот дизајн и користењето на обновливите ресурси; распоредување и имплементација на технологии за директно зафаќање на воздухот.“
Во договорот се наведува „САД поставија цел да постигнат 100 % електрична енергија која е добиена без загадување со јаглерод диоксид до 2035 година. Кина, од друга страна, ќе ја намали потрошувачката на јаглен во рамките на петгодишниот план и ќе направи сѐ за да го забрза процесот.“
Во заедничката изјава се вели дека и двете земји се обврзале заедно да обезбедат финансиска помош во висина од 100 милијарди долари секоја година до 2025 година како помош на земјите во развој во прашањето за борбата со климатските промени.