Selçuk Acar
12 Февруари 2017•Ажурирај: 13 Февруари 2017
ЊУЈОРК (АА) - Во Њујорк поради граѓанска непослушност приведени се демонстранти, кои протестираа поради приведувањето имигранти кои нелегално влегле во САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Околу 500 граѓани на Њујорк протестираа против акцијата за приведување имигранти која ја изведуваат припадници на Службата за имиграција и царина (ICE).
Одредени демонстранти, кои се собраа на плоштадот „Вашингтон“ во Менхетен, се приведени бидејќи не се придржувале на правилата пропишани од страна на полицијата за време на протестната прошетка.
Слични демонстрации се организирани и во другите делови на САД.
Откако американскиот претседател, Доналд Трамп на 26 јануари донесе серија мерки против илегалната имиграција, започна најобемната акција за приведување на илегални имигранти.
Канцелариите за имиграција во Њујорк, Атланта, Чикаго, Лос Анџелес, Савана, Феникс, Северна Каролина и Јужна Каролина потврдија дека се спроведуваат акции за приведување, а претставници од Секретаријатот за внатрешна безбедност на САД акциите ги нарекоа „рутински мерки“.
Иако е наведено дека акциите се насочени кон одредени криминални активности, забележливо е дека се приведени имигранти кои не се дел од тие криминални активности, но во земјата влегле по илегален пат.
Во Лос Анџелес се приведени 160 лица, од кои само десет имале криминално досие.
Канцеларијата на Службата за имиграција и царина во Атланта, која врши надзор на три сојузни држави, приведе околу 200 имигранти.
Се претпоставува дека во САД има околу 11 милиони имигранти кои живеат во земјата без потребните дозволи.